Војна во Украина

Путин го обвини Западот, Бајден во Варшава

21.02.2023 20:22

Путин одржа говор во Думата за состојбата на нацијата. Го обвини Западот дека е одговорен за војната во Украина, снабдувајќи го Киев со оружје и рече дека Москва презела специјална операција за да се одбрани. Рускиот претседател упати серија критики за проширувањето на НАТО и објави дека се повлекуваат од договорот за контрола на стратешко офанзивно оружје. Официјален Пекинг загрижен од можна ескалација на кризата. Американскиот претседател Бајден на средби во Полска...

Во Европа пред година почна војна. Светот мислеше дека Киев ќе падне, но остана силен и горд и најважно слободен, рече претседателот Бајден во говорот пред Кралскиот замок во Варшава. Целиот свет се соочува со искушенија, демократиите се на тест но, светот е обединет. Руската инвазија го тестираше НАТО, ЕУ, САД, но светот остана на страната на демократијата, додаде американскиот претседател.

„Путин мислеше дека ќе се предадеме, но погреши. Мислеше дека НАТО ќе се претвори во Финска, но наместо тоа му се случо натоизација на Финска и Шведска. Путин ја избра оваа војна. Секој ден од војната е негов избор. Една година подоцна ние покажавме дека сме силни и обединети и не постои друг начин“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.

Една година од руско-украинскиот конфликт, претседателот Путин пак, пред Думата призна дека периодот е тежок за Москва и се случуваат историски настани коишто ќе ја одредат иднината на земјата. Објави дека Русија се повлекува од учеството во договорот „НОВ СТАРТ“ за контрола на стратегиско офанзивно оружје, но и дека планира масовно производство на напредно оружје. Според Путин, Москва мора да користи сила за да ја запре војната што ја почнал Западот во Украина.

„Чекор по чекор, внимателно и доследно, ќе ги решаваме задачите на специјалната воена операција. Во меѓувреме, како што знаете ние правевме се што е можно навистина да се реши овој проблем во Донбас по мирен пат. Сакам да нагласам дека искрено целевме кон мирно решение, но западот играа по друго сценарио со животите на луѓето“, изјави претседателот на русија, Владимир Путин.

Столтенберг побара Москва да ја преиспита одлуката за „НОВ СТАРТ“ и да ги почитува постоечките договори. Челниците на НАТО и ЕУ по средбата со шефот на украинската дипломатија ја потврдија поддршката за Киев.

„Фактите се јасни за сите ги гледаат. Никој не ја напаѓа Русија. Русија е агресорот. Украина е жртва на агресија, а ние го поддржуваме правото на Украина на самоодбрана“, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Пекинг предупреди дека конфликтот може да излезе од контрола.

 

Маријана Димовска