„Беласички костенов мед“- национален бренд
Во тек е постапка за регистрација на заштитена географска ознака „Беласички костенов мед“. Барањето е поднесено од земјоделската задруга-Здружение на пчеларство „ Пчелин рај“ од Струмица. Елаборатот ги содржи сите податоци за основаноста на заштитата на производот и е јавно објавен...

Земјоделската задруга Здружение на пчеларство „Пчелин рај“, од Струмица поднесе барање за регистрација на заштитена географска ознака „Беласички костенов мед“. Постапката почнува со објавување на елаборатот кој ги содржи сите податоци за основаноста на заштитата, а секое домашно и странско правно или физичко лице има право да поднесе приговор на предложениот назив во рок од 30 дена од неговото објавување.
Неодамна и земјоделската задруга Здружение на одгледувачи на домашна автохтона раса на овци, поднесе барање за регистрација на заштитена географска ознака „Македонско јагнешко од овчеполка праменка“.
Земјоделската задруга „Охридска церешна“ ја доби географска ознака за оваа сорта и досега е прва и единствена ваква постапка според Закон за заштита на македонските национални земјоделски производи.
Барање за заштита на некој производ можат да поднесуваат само група на производители или преработувачи кои се занимаваат со производство на ист земјоделски или прехранбен производ.
Со регистрирањето на производот со географско потекло или ознака за квалитет се врши негова заштита и може да се продава на странските пазари со препознатлив бренд, квалитет, поголема додадена вредност и поголема цена.
Методија Трајков
