Русија

Русија го отповика указот за поддршка на суверенитетот на Молдавија

22.02.2023 11:44

Излез од договорот за стратешко офанзивно оружје, и поништување на указот за суверенитетот на Молдавија – дел од последните одлуки на Русија. Москва го зајакнува партнерството со Пекинг. Кина и Русија на заеднички вежби во Индиски Океан. Најновите одлуки на Кремљ беа соопштени на вчерашното обраќање на рускиот претседател Владимир Путин пред Федералното собрание...

Претседателот Владимир Путин го отповика указот од 2012 година со кој делумно се поддржува суверенитетот на Молдавија во решавањето на иднината на Придњестровје – сепаратистичкиот регион што се граничи со Украина, каде што Русија има трупи. Според Кремљ, односите со Молдавија, која назначи прозападен премиер, се многу влошени бидејќи спроведувала антируска агенда. Оттаму пак, порачаа – имаме темелен политички договор кој предвидува меѓусебно почитување на територијалниот интегритет.

ЕУ изрази жалење за одлуката на Русија да го прекине учеството во СТАРТ, бидејќи, тоа ја поткопувало безбедносната архитектура во Европа. Брисел ја повика Москва да ги исполни своите обврски од Договорот за намалување и ограничување на стратешкото оружје и да им дозволи на САД да ги проверат нивните нуклеарни арсенали опфатени со договорот, се вели во соопштението на службата за надворешна политика на ЕУ.

По ненајавената посета на американскиот претседател Бајден во Киев, во Москва допатува шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји. Двете страни се согласиле дека мора да се поддржи мирот во азиско-пацифичкиот регион, а не Студената војна.

„Во западната кампања против Русија и Кина, особено е важно да се продлабочи руско-кинеската координација и соработка на меѓународната сцена. Приоритет на руската надворешна политика е развојот на стратегиското партнерство со Кина“, изјави Николај Патрушев, шеф на Советот за национална безбедност на Русија.

„Кина сака да работи со Русија во согласност со договорите на највисоко ниво, да ги брани националните територии и интереси, да ја поддржува соработката во разни области, заеднички да практикува вистински мултилатерализам, и да се спротивставува на сите форми на еднострана хегемонија заедно со истомислени нации“, изјави Ванг Ји, шеф на дипломатијата на Кина.

„Нашите односи се стабилни и динамични, и покрај големите превирања на светската сцена, подготвени сме да покажеме единство, волја да ги браниме меѓусебните интереси врз основа на меѓународното право и централната улога на ОН“, изјави Сергеј Лавров, шеф на руската дипломатија.

Руските бродови стигнаа во Индиски Океан каде се одржуваат десетдневни морнарички вежби со Кина и Јужна Африка. Маневрите именувани како „Моси II“ се стационирани на пристаништата Дурбан и Ричардс беј во провинцијата Квазулу-Натал. Претходните беа во 2019 година во Кејп Таун. Јужна Африка е меѓу земјите од тој континент кои имаат пријателски однос со Москва и се воздржани од гласањата во ОН за резолуции за осуда на руската инвазија во Украина.

 

 

Маја С. Филдишев