Субвенции за полесно вработување на ранливите групи граѓани
Преку субвенционирање за вработување, децата без родители, долгорочно невработените и ранливата група на граѓани кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот полесно ќе можат да се вработат...

Државата ќе обезбеди финансиска помош за жртви на семејно насилство, деца без родители, бездомници, поранешни уживатели на дрога, жртви на трговија со луѓе, осудени лица, за вработување ќе одвојвува 17 илјади денари месечно. Со посебна програма ќе им помага и на невработените.
„Државата ќе субвенционира износ од 13 илјади денари месечно, за период од шест месеци. Работодавецот има обврска лицето да го задржи на работа уште најмалку 12 месеци или вкупно 18 месеци на работа или на негово место да вработи друго невработено лице од евиденцијата на невработени лица“, вели Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
Работодавците можат да конкурираат на овие огласи доколку не го намалиле бројот на вработени во последните шест месеци, но преку субвенционирање не можат да ги вратат на работа лицата кои ги отпуштиле. Работодавецот е должен да ги има платено сите даноци и придонеси.
„Субвенциите за компаниите доколку вработат вакви лица се однесуваат на две години. Првата година ќе се субвенционираат износот на минималната плата и 100 насто од придонесите и втората година се субвенционираат 100 проценти од минималната плата и 50 насто од придонесите“, вели Влатко Поповски- директор на Агенцијата за вработување на РМ.
Годишниот буџет за реализација на оваа мерка е 47,5 милиони денари. Преку субвенционирање на вработување во изминативе неколку години се вработени 4.800 лица.
Андријана Атанасовска
