Здравствените работници на протест, бараат зголемување на платите
Здравствените работници за време на паузата од пола час излегоа на протест. Побараа повеќе да не се доцни со платите и да се исполни ветеното-потпишување на колективниот договор за повисоки плати и исплата на регресот...

Лекари, медицински сестри, болничари – за паузата на протест пред здравствените установи и во Клиничкиот центар. Незадоволни се велат од игнорантскиот однос на Владата за нивните проблеми. Иако ја добија јануарската плата која доцнеше поради колапс на системот на Фондот, не отстапуваат од ветените барањата – зголемување на личниот доход, усогласување на минималната пата и исплата на регрес за годишен одмор.
„Таа минимална плата ќе ни направи изедначување на платите до петтата група на сложеност во која ни се наоѓаат медицинските сестри со средно образование, би настанал еден апсурд во колективното договарање да стигнеме медицинските сестри со средно образование да имаат минимална плата која знаеме дека има третман на социјална категорија“, изјави Љубиша Каранфиловски.
„Очекувавме зголемување на платите по 10 проценти како што ни беше ветено од владејачката партија, а ние до сега имаме добиено само 5 процентно покачување на платите во здравството. За тоа очекуваме овој анекс да биде што поскоро потпишан“, изјави Орце Ефтимовски, специјалист биохемичар.
Слични пораки и од протестот во Клиничкиот центар. Потенцирајќи го проблемот со одливот на кадар, велат дека во последните пет години речиси 6 илјади медицински сестри ја напуштиле државата, а за три години заминале 2.200 лекари.
„Непотпишувањето на колективниот договор, немањето визија за тоа што понатаму во следната година со новото покачување на плати, немање визија за вработување на нови кадри и задржување на овие кадри, ние навистина не знаеме во кој правец оди јавното здравство“, изјави Гордана Димеска, член на самостојниот Синдикат на клинички центар
Освен во Скопје, протести и во другите градови низ државата.
Од синдикатите бараат средба со премиерот и новиот министер за здравство. Доколку не се надминат проблемите најавуваат радикализирање на протестите.
Андријана Ѓурческа
