Прилеп

Салите во болницата во Прилеп затворени, пронајдена бактерија кај починатата пациентка

22.02.2023 13:18

Операционите сали во прилепската болница остануваат затворени веќе седми ден, а кај пациентката која по компликации беше префрлена на скопските клиники каде почина, е пронајдена бактерија. Сè уште се чекаат наодите од обдукцијата како и наодите од примероците земени од салите и персоналот...

Комисијата за интрахоспитални инфекции во прилепската болница соопшти дека е пронајдена бактеријата стафилококус епидермидис кај пациентката која почина минатата недела на скопските клиники. Од Министерството за здравство велат дека е пријавена интрахоспитална инфекција.

52 годишната прилепчанка имала интервенција на гинеколошкото одделение во Прилеп, по еден ден се појавиле компликации со симптоми на сепса, била префрлена во Скопје каде починала. Од министерство додаваат дека сè уште не се знаат причините за смртта и се чекаат наодите од обдукцијата.

Од четвртокот, се затворени операционите сали на гинеколошкото, хируршкото и на ортопедското одделение а во петокот Државниот санитарен и здравствен инспекторат направил вонреден инспекциски надзор по добиената информација од прилепскиот Центар за јавно здравје. Бројните земени примероци од салите, од персоналот сè уште се анализираат. Единствено засега се знае дека бактеријата ја имало во примерокот за хемокултура кај пациентката.

Од Болницата велат дека салите остануваат затворени додека Комисијата за интрахоспитални инфекции не ги заврши сите испитувања. Итните хируршки испитувања се вршат во блиските регионални болници.

Од од прилепскиот Центар за Јавно здравје велат дека обемните анализи очекуваат да бидат готови до петок.

 

 

 

Елизабета Митреска