Регионалната соработка е најзначајна во сферата на воздухопловството
Претставници на агенциите и директорите за цивилно воздухопловство на четири држави од регионот денеска во Охрид потпишаа спогодба за трагање и спасување во случај на вонредни околности, тоа ќе овозможи подобра соработка и заедничка координација на акциите за поуспешно да им се помогне на луѓето при несреќи...

Регионалната соработка е најзначајна во сферата на воздухопловството, бидејќи на тој начин се хармонизираат активностите на земјите во вонредни околности, што ќе овозможи не само успешно да им се помогне на унесреќените лица, туку и поддршка при материјални штети. Поради тоа од огромно значење е формирањето на Регионалниот советодавен комитет за трагање и спасување во кој засега членуваат 10 земји од Југоисточна Европа.
„Ако нешто се случи на територијата на Македонија да бидат искористени капацитетите не само на соседните држави, туку и од државите кои се во регионот, а кои се потписници на оваа спогодба. Овде кога зборувам за капацитети мислам на авиони, хеликоптери, на други летала, на дронови, на прва помош, екипи за спасување“, изјави Томислав Тунтев-директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
„Ваков вид на меморандум во цивилното воздухопловство за трагање и спасување е прв од ваков тип кој е потпишан во Европа, такво нешто нема ниту Европската Унија. Заеднички ќе се потрудиме во најголема мера да ја унапредиме пред сè безбедноста во цивилното воздухопловство“, рече Мирјана Чизмаров-директор на Директоратот за цивилно воздухопловство на Р. Србија.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, по пропаѓањето на повикот за субвенционирање на нови авиолинии за нискобуџетни компании на кој се пријавија 3 компании од Охрид, порача дека нов повик ќе биде распишан на почетокот на март.
„Остануваат истите услови и се она што е нејасно коешто предизвикало можеби одредена дилема кај понудувачите да биде разјаснето за да може потоа да биде распишан и да е успешен повикот со што очекувам да отвориме пак ќе кажам нови дестинации, нови можности за граѓаните“, изјава Благој Бочварски-министер за транспорт и врски.
Бочварски најави дека на охридскиот аеродром ќе се гради нова терминална зграда, чија изградба во координација со ТАВ Македонија ќе започне во текот на оваа година.
Сашо Нелоски
