Белград

Потпишан Протокол за извршување на гранични проверки на идниот граничен премин Лојане-Миратовац

22.02.2023 13:57

Денеска во Белград, Република Србија, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари билатерална средба со неговиот српски колега, министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ, а по повод потпишување на Протоколот за начинот на извршување на гранични проверки на заедничкиот граничен премин „Лојане – Миратовац“...

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на билатерална средба во Белград со министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ, потпишаа Протоколот за начинот на извршување на гранични проверки на заедничкиот граничен премин „Лојане – Миратовац“.

На средбата разговарано е за теми за подобрување на безбедносната состојба, за борбата против организираниот криминал и корупција преку брза размена на информации и податоци и за илегалната миграција за што е истакната добрата меѓусебна соработка.

На средбата потпишан е Протокол за начинот на извршување на гранични проверки на идниот заеднички граничен премин „Лојане – Миратовац“.

„Знаете дека потпишавме договор за отворање на овој граничен премин, сега ги потпишуваме протоколите, останува инфраструктурно да се среди овој граничен премин, за да можеме да го ставиме во функција. Со потпишување на Протоколот ги заокружуваме активностите за добро гранично управување. Неизбежна беше темата и за граничниот премин Табановце, како да ги подобриме условите за работа, да понудиме решенија што ќе значат побрз проток на патници на овој граничен преминот, на кој минатата година имаме зголемување на околу 50 отсто на патници кои циркулирале преку преминот, што не обврзува заеднички да направиме се за да ги подобриме условите за побрз проток на луѓе и на стоки. Секако и во рамки на иницијативата Отворен Балкан да создадеме услови, во догледно време граѓаните на двете држави да преминуваат непречено, практично без каква било контрола на овој граничен премин“, изјави Оливер Спасовски.

Во однос на безбедносната состојба на државните граници, Спасовски информираше дека истата е стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период, а во таа насока во текот на минатата година забележан е тренд на зголемување за 31,22% на обидите за илегални преминувања со спречени 27.391 обиди, а истиот тренд продолжи и во јануари годинава.

Српскиот министер, Братислав Гашиќ, ја истакна традиционално добрата соработка помеѓу двете Министерства, важноста од соработка во борбата против организираниот криминал и нагласи дека за нејзина успешност неопходни се брза размена на информации и заедничка соработка помеѓу двете полиции.

Министрите Гашиќ и Спасовски истакнаа дека потпишаниот Протокол ќе придонесе за детално уредување на начинот на извршување на граничните проверки на овој заеднички премин, а соработката ќе ја зајакне и направи поефикасна.

 

 

Оливер Бранковиќ