Системот на ФЗОМ е во функција, податоците на граѓаните се безбедни и заштитени
Системот е вратен, исплатите се во тек. Директорката на ФЗОМ, Магдалена Филиповска-Грашкоска не одговори колку пари барале хакерите и дали некој платил за системот да биде вратен. Вели податоците на граѓаните во ниту еден момент не биле ниту украдени, ниту пак манипулирани...

Системот е вратен, исплатите се во тек! Ова е главниот заклучок од прес конференцијата на директорката на ФЗОМ, Магдалена Филиповска-Грашкоска. Пред новинарите повеќе се премолча отколку што се кажа, а причина за тоа според директорката било оти МВР имала отворено истрага. Остана нејасно колку пари барале хакерите и дали некој платил за системот да биде вратен, колку ИТ компании биле ангажирани за враќање на системот и колку за истите платила државата. Иако се огради дека не е ИТ инженер, Филиповска-Грашкоска тврди дека податоците на граѓаните во ниту еден момент не биле ниту украдени, ниту пак манипулирани.
На стручњаците од ФЗОМ им требале три дена да сфатат дека се нападнати од хакери, но велат дека во од носеле преодни решенија и велат оти во ниту еден момент немало застој во услугите на граѓаните. Сега се работи на поголема заштита на податоците за да се спречи нов евентуален напад, а директорката рече дека по завршувањето на истрагата ќе излезе со повеќе информации. На прес конференцијата не се појави директорот на ИТ службата на ФЗОМ оти поради нападот добил стрес и завршил во болница. Другиот директор, Фатон Ахмети користи годишен одмор.
Катерина Топалова
