Средба Петровска – Резников во Киев: Украина ја има нашата поддршка за одбрана на својата сувереност и независност
„Ја изразувам мојата почит и поддршка кон вас украинскиот народ, за вашата храброст, истрајност и одлучност да ја одбраните сопствената територија“, рече министерката Славјанка Петровска на денешната прес-конференција со нејзиниот украински колега Олексеј Резников во Киев...

Средба Петровска – Резников во Киев: Украина ја има нашата поддршка за одбрана на својата сувереност и независност
„Ја изразувам мојата почит и поддршка кон вас украинскиот народ, за вашата храброст, истрајност и одлучност да ја одбраните сопствената територија. Ваков чин на брутална агресија и терор врз цивилно население, деца, жени, стари лица се незамисливи за било која цивилизација во 21-от век. Затоа од самиот почеток Владата на Република Северна Македонија ја осуди руската агресија врз Украина, која е неоправдана и со ништо не е испровоцирана. Без двоумење застанавме на страната на правдата и човечкото достоинство, на страната на вистината“, рече министерката Славјанка Петровска на денешната прес-конференција со нејзиниот украински колега Олексеј Резников во Киев.
Петровска упати порака до украинското лидерство и украинскиот народ дека Северна Македонија силно ја осудува руската агресија врз Украина и даде полна поддршка за нејзиниот суверенитет и правото на самоодбрана.
Министерката се осврна и на досега укажаната хуманитарна и воена помош за Украина која ја даваме зашто цврсто веруваме во правото на секоја земја за самоодбрана и почитувањето на правилата и принципите на кои се основа меѓународната заедница.
Министерот Резников изрази силна благодарност за сета поддршка од Северна Македонија и порача дека тоа украинскиот народ нема да го заборави. Нарекувајќи ја Петровска храбра министерка која во знак на пријателство допатувала во храбра земја, Резников потенцираше дека Украина е решена да го врати мирот.
Во Киев, министерката Петровска положи венец со свежо цвеќе на Ѕидот-паметник на паднатите за Украина, а имаше можност во градот Ирпин, местото каде украинските сили го запреа напредокот на руските сили кон главниот град Киев, да биде сведок и на разрушувањата предизвикани од бесправната и неиспровоцирана руска агресија врз самостојна и независна Украина.
