Прилеп

Прилепското обвинителството истражува, пронајдена бактерија кај починатата пациентка

22.02.2023 18:19

Операционите сали во прилепската болница остануваат затворени веќе седми ден, а кај пациентка која по компликациите почина на скопските клиники е пронајдена бактерија. Прилепското Основно јавно обвинителство отвори предмет по допрен глас и за уште други двајца пациенти. Обвинителството сака да види дали има евентуална одговорност на вработени во болницата. Побарана е комплетна документација, а и од полицијата да преземе дејства...

Прилепското обвинителство оформи предмет и ќе испитува – има ли кривична одговорност на вработени во прилепската болница за лекување на тројца пациенти кои по компликации починале на скопските клиники. Побарана е комплетна документација за 52 годишната пациентка од гинекологија која заврши на скопските клиники со компликации и симптоми на сепса и почина. Ќе се испитува и лекувањето на двајца 30-годишници, едниот од неврологија, а и двајцата завршиле на скопските клиники со компликации и починале. Се бараат дејствија и од полицијата.

Комисијата за интрахоспитални инфекции во прилепската болница денеска соопшти дека е пронајдена бактеријата стафилококус епидермидис кај пациентката која почина минатата недела на скопските клиники. Од Министерството за здравство ги пренесуваат информациите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и велат – пријавена е интрахоспитална инфекција. Инспекторатот треба да каже што пронашол при вонредниот надзор од пред пет дена.

Инаку, сè уште не се знаат причините за смртта на прилепската пациентка и се чекаат наодите од обдукцијата.

Салите остануваат затворени додека Комисијата за интрахоспитални инфекции не ги заврши сите испитувања. Итните хируршки интервенции се вршат во блиските регионални болници, а Центарот за јавно здравје до петок очекува резултати од обемните анализи на примероците земени од салите и од персоналот.

 

Елизабета Митреска