Трибина

Во „Европската куќа“ се одржа дебата за заштита и промоција на мајчиниот јазик преку литературата

22.02.2023 18:00

Панелисти на дебатата беа: амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директор на Семинарот за македонски јазик, литература и култура; Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература; и Дејан Василевски, лектор по македонски јазик...

Заштитата и промоцијата на мајчиниот јазик преку литературата беше темата на втората дебата од серијалот „#Culture Talks“, што ја организираше денеска „Европската куќа“ во Скопје (Europe House).

На дебатата, која се одржа по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, беше истакнато виталното значење на овој ден за промоција и заштита на сите јазици, но, истовремено и за подигнување на свеста за лингвистичката и културна разноликост.

Панелисти на дебатата беа: амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ; министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска; проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директор на Семинарот за македонски јазик, литература и култура; Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература; и Дејан Василевски, лектор по македонски јазик.

Како голем чекор во заштитата на мајчиниот јазик беше посочен проектот за дигитализација на досиејата на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во контекст на овие активности, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска напомена дека за да ја заштитиме литературата, претходно мора да работиме, да го негуваме мајчиниот македонски јазик, да го сочуваме секој дијалект, секоја буква. 

Костадиновска-Стојчевска го изрази своето задоволство што македонскиот јазик е признаен како официјален во Европската Унија и ги напомена активностите кои се преземаат во насока на негова заштита и промоција.

Таа нагласи дека годинава во културата се прославуваат неколку значајни јубилеи, и во тој контекст поддржани се неколку проекти на Институтот за македонски јазик преку кои достојно ќе биде одбележан нивниот седумдецениски јубилеј, како и одбележувањето на 120 години од објавувањето на книгата на Мисирков „За македонцките работи“.

Амбасадорот Дејвид Гир истакна дека со задоволство се приклучува, како што рече, на оваа прослава на мајчиниот јазик. Тој додаде дека за него англискиот јазик е мајчин јазик, јазик со кој е лично поврзан и чувствува дека има предност што зборува на јазик кој е широко распространет, исто како што тоа на пример го чувствува некој од Шпанија и слично.

Весна Мојсова-Чепишевска, редовен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и директор на Семинарот за македонски јазик, литература и култура истакна дека нашата литература опстојува низ минатото без разлика колку бил негиран македонскиот јазик.

Во врска со прашањето зошто малку се изучува македонскиот јазик, Мојсова-Чепишевска рече дека квантитетот не секогаш дава квалитет, а македонскиот јазик треба да го изучуваат оние студенти кои вистински го сакаат јазикот и кои вистински сакаат да го применуваат.

Петар Андоновски, писател и лауреат на Европската награда за литература истакна дека активностите на Семинарот за македонски јазик, литература и култура за промоција на македонскиот јазик се навистина значајни, но, како што рече, не може целата борба да падне на грижата на поединци, а за тоа повеќе треба да направи државата.

Дејан Василевски, лектор по македонски јазик ги сподели своите искуства во однос на примената на македонскиот јазик и додаде дека состојбата со примената во повеќе аспекти е лоша.

Во дебатата свои размислувања на посочената тема дадоа и студенти, новинари, лектори, библиотекари и други.