Њујорк

Специјалната седница на Генералното собрание на Обединетите нации посветена на Украина

23.02.2023 11:53

Вонредна седница во Генералното собрание на ОН посветена на Украина. Новата резолуција – тест за подготвеноста и заинтересираноста за траен и сеопфатен мир. На годишнината од руската инвазија, завојуваните страни ја заоструваат реториката...

„Агресијата, инвазијата и анектирањето територии од соседот се противзаконски“, порача претседателот на 77. сесија на Генералното собрание на ОН, Чаба Короши. Вонредната специјална седница посветена на Украина се одржува околу годишнината од руската инвазија. Во агендата и мировна резолуција со којашто се бара итен прекин на огнот, повлекување на руските сили, одговорност за злосторствата и правда за жртвите.

„Дали некој во салава е подготвен да даде метар квадратен од својата територија на некој крволочен сосед? Го знаеме одговорот. Никој! Украина е една од вас. Светот ќе тоне во хаос ако дозволиме менување на границите со насилство маскирано како политичка прагматичност или симпатизирање на агресорот“, рече Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина.

„Една работа е сигурна- резолуцијата која е поднесена овде и за која се гласа нема никако да ни помогне. Само ќе ги охрабри постапките на Западот, а на опонентите ќе им даде изговор да кажат дека Русија, наводно, е изолирана од светот. А, тоа ќе значи продолжување на нивната воинствена русофобија“, рече Василиј Небензја, постојан руски претставник во ОН.

ЕУ и САД со предупредување до Москва и со поддршка за Киев. ОН најавија хуманитарна помош од 5,6 милијарди долари за Украина.

„Војната предизвикува регионална нестабилност и ги подгрева глобалните тензии и поделби, одвлекувајќи ги вниманието и ресурсите од другите кризи и потиснувајќи ги светските проблеми. Во меѓувреме, имаме јасни закани за користење на нуклеарно оружје. Таканаречената „тактичка употреба“ е апсолутно неприфатлива“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

„Ова гласање ќе биде запишано во историјата. На годишнината од конфликтот, ќе видиме кој е ставот на нациите во однос на мирот во Украина“, рече Линда Томас-Гринфилд, постојан претставник на САД во ОН.

„Првиот чекор за мир е прекин на рускиот напад. Прекин на сите непријателства и повлекување на силите и воената опрема од украинска територија“, изјави Џозеп Борел, шеф на европската дипломатија.

Белорусија поднесе два амандмана на резолуцијата.

„Белорусија верува дека единствената шанса за завршување на конфликтот е итно почнување преговори без предуслови“, рече Валентин Рјбаков, постојан белоруски претставник во ОН.

Резолуцијата не е правно обврзувачка, но ваквите декларации имаат силна политичка тежина. И покрај тоа, не се очекува гласањето да има некакво влијание врз руските воени акции во Украина.

 

 

 

Маја С. Филдишев