Собрание

Разрешени министрите од Алтернатива

23.02.2023 12:47

Парламентарното мнозинство ги разреши министрите од Алтернатива. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше. Почна расправата за реконструкција на Владата. Опозицијата бара дебата. Деловникот е јасен-дискусија за сите предлози, а не поединечно, вели спикерот Џафери...

По десетина дена дебата, разрешени тројцата министри од Алтернатива. ВМРО-ДПМНЕ не гласаше. За разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали гласаа 65 пратеници, со 64 гласа за и еден против, разрешени министрите за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.

Маратонската седница кулминираше со жестока кавга меѓу претседателот на Собранието Џафери и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Јанушев. Причина за меѓусебните навреди-синот на претседателот на Собранието. Јанушев во дискусијата прочита неколку актуелни вести, меѓу кои и за синот на Џафери, кој деновиве е во центарот на вниманието на јавноста откако се најде на списокот на оние кои ја завршиле Академијата за судии и обвинители, на што бурно реагираше Џафери.

Расправата за избор на нови министри предложени од Премиерот Ковачевски продолжува вечер. За дискусија пријавени над 35 пратеници. ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивстави на процедурата за избор на новите министри. Побара расправата да биде иста како за разрешувањето министри, но Џафери појасни дека тоа не е според деловникот. Реконструкцијата на Владата доаѓа откако Алијанса за Албанците влезе во извршната власт, а Алтернатива прејде во опозиција.

 

 

 

 

Игор Панов