Прилеп

Обвинителството прибира документација за состојбата во прилепската болница

23.02.2023 12:58

Се чекаат резултати од земени брисови од операциските сали и персоналот од прилепската болница каде осум дена се затворени салите. Државниот здравствен и санитарен инспекторат апелира, да не се донесуваат заклучоци без официјални резултати. Обвинителството почна да прибира документација за состојбите...

Надлежните и јавноста ги чекаат резултатите од примероците земени од операциските сали и од персоналот во прилепската болница, како и наодите за причините за смртта на 52 годишната прилепчанка, на која по интервенција во гинеколошкото одделение и се влоши состојбата и почина на скопските клиники. Само се знае дека во нејзин примерок за хемокултура е откриена бактерија. Се чека извештајот од вонредниот инспекциски надзор, на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

По денешниот состанок, Комисијата за интрахоспитални инфекции, писмено се обрати, уверувајќи дека се постапува според годишна програма во согласност со правилникот на Министерството за здравство, кој подразбира сузбивање и превенција на интрахоспитални инфекции. Велат дека се два случаи за кои може да се каже дека спаѓаат во интрахоспитални инфекции. Болницата, информираат од Комисијата, е вонредно пречистена, дезинфицијара и очекуваат во текот на денов да добијат неколку конечни наоди.

Во меѓувреме, прилепското обвинителство по допрен глас отвори предмет за состојбите со болницата. Почна да прибира информации и документација од здравствениот инспекторат, од болницата, а и полицијата да преземе дејствија за три случаи на лекување кои се искомплицирале.

 

Елизабета Митреска