Безбедност

Дојавите за бомби се одразуваат на менталното здравје на учениците и квалитетот на образовниот процес

23.02.2023 14:37

Нов ден, нови дојави за поставени бомби. Безбедносните експерти велат, ова е најголемиот предизвик со кој се соочува државата. Хибридните напади се одразуваат врз менталното здравје на учениците...

Десетици дојави за бомби повторно ги вознемирија учениците и наставниот кадар, квалитетот на образовниот процес со месеци е нарушен. Професори од УКИМ бараат институциите да работат позасилено на мерките за безбедност. Според професорот Марјан Ѓуровски, овие закани се најголем општествен безбедносен предизвик и затоа е клучно да се најдат сторителите и да се обезбедат објектите.

Учениците речиси секојдневно губат часови, изложени се на страв и паника. Сето ова влијае на влошување на нивното ментално здравје, велат психолози и социолози. За нив, онлајн наставата не е решение, бидејќи е потребна изработка на национална стратегија за безбедност во образованието, која е во подготовка.

Учениците и професорите спасот го гледаат во онлајн наставата. Велат, подготовките за полагањето на државната матура одат тешко поради секојдневниот прекин на часовите.

Веќе четврти месец на електронските адреси на училишта, институции, јавни и станбени објекти стигнуваат закани за поставени бомби.

 

Викторија Милевска