Здравство

Пановски: Антибиотиците да се користат само за бактериски инфекции

23.02.2023 14:41

Интерхоспиталните инфекции не се нешто непознато, ги имало и ќе ги има. Тоа се инфекции кои се стекнати во болница, кај пациенти кои биле примени во установата поради друга причина. Но, она што нашето население го прави ранливо е прекумерната употреба на антибиотици, предупредија лекари, бидејќи тоа создава отпорност...

Настинка и грип се третираат со „Амоксиклав“ – лекари препишуваат антибиотик на речиси секој втор пациент кој ќе се пожали на респираторна инфекција, иако за тоа немаат медицински доказ – предупредува микробиологот Пановски. Ова особено се забележа во пандемијата со Ковид-19. Се земаат лекови и на своја рака. Но, цената од неконтролираното користење на антибиотиците допрва ќе ја плаќаме. Престојот во болница е подолг, смртноста почеста, а исходот понеизвесен.

„Катастрофата се случи со Ковидот и давањето лекови кои немаат никаква врска. Последиците ќе бидат страшни, бидејќи се даваа лекови што делуваа да речеме на стрептококус пневмонија, најчестиот причинител на пневмонија кај деца до пет години и особено кај постари луѓе. И се разбира дека се повеќе ќе имаме, а веќе и имаме резистентни бактерии“, изјави д-р Никола Пановски, микробиолог.

Во земјава околу 100 пациенти годишно умираат од сепса, дел би можеле да се спасат доколку антибиотикот им делуваше, вели доктор Пановски.

Статистиката покажува дека во Европа околу 25 илјади луѓе годишно ја губат битката поради отпорност на бактериите на антибиотик.

 

 

 

 

Андријана Ѓурческа