Симпозиум

„Враќање на просторот за дигитални информации“

23.02.2023 19:24

Во време кога информацијата е брза и ја има секаде, развиено медиумско образование е силата на сите демократии – ова е заклучок од Меѓународниот симпозиум што го организираа Институтот за комуникациски студии, УСАИД И ИРЕКС...

Опуштено апсорбирање на информации веќе претставува луксуз. Во време кога информацијата е подостапна од кога и да е, големи се шансите да се остане дезинформиран или од информацијата да не се научи ништо. На Меѓународниот симпозиум на Институтот за комуникациски студии, УСАИД и ИРЕКС, експерти потенцираа-медиумската писменост станува приоритет за демократско општество.

„Развиено медиумско образование е основа на сите силни демократии и активни граѓани кои може да се снајдат во ваквото општество. За да бидат информирани, граѓаните не само што ќе треба да научат како да бараат, пристапат и анализираат информации преку медиумите, туку тие исто така мораат да се ангажираат и да комуницираат“, изјави Жанета Трајкоска, директорка на Институт за комуникациски студии.

Дезинформациите остануваат глобален проблем кој не познава национални и геополитички граници. Клучната тактика за спротивставување на штетното ширење и влијание на популарно наречената инфодемија лежи во соработката меѓу сите актери кои работат на проверка на фактите.

„Овој информациски смог се претвори во информациски хаос со патогенски феномени коишто се дигитална војна, виртуелни стварности, дезинформации, лажни вести, сите тие се во предните редови“, изјави Ирене Андриопулу, заменик генерален секретар на Меѓународниот управен комитет на Алијансата за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО.

Работата со публиката на сите нивоа е неопходна, а САД даваат целосна поддршка преку проекти во земјава.

„САД се обврзуваат да ги поддржат младите луѓе во оваа земја за да види што им е важно и со цел нивното искуство да го обликува сега и во иднина, со цел секој поединец да може да ги искористи своите максимални потенцијали тука, во земјава, наместо да оди во странство“, изјави Џери Дајбл, претставничка на Канцеларијата на УСАИД во Македонија.

На Меѓународниот симпозиум виртуелно учествуваа и експерти за медиумска писменост вклучени во повеќе клучни институции во Европската Унија.

 

Катерина Топалова