Османи во ОН: Човечките страдања во Украина мора да престанат
Во своето обраќање, тој испрати порака до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН за враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок и ги повика сите земји членки на Организацијата на ОН да се солидаризираат со Украина и со нејзиниот народ и да ја чуваат Повелбата на ОН која е нивна заедничка одговорност...

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска говореше на 11-тата Специјална итна седница на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во Њујорк каде упати силна осуда за воената агресија на Руската Федерација врз Украина.
Во своето обраќање, тој испрати порака до сите земји членки на ОН за важноста на усвојувањето на Резолуцијата на ОН за враќање на мирот и заштита на меѓународниот поредок и ги повика сите земји членки на Организацијата на ОН да се солидаризираат со Украина и со нејзиниот народ и да ја чуваат Повелбата на ОН која е нивна заедничка одговорност.
Османи кажа дека Русија ја избрала погрешната страна на историјата и оттука мнозинството земји-членки ги прифатија досегашните резолуции на ОН, со што и ја осудија руската инвазија на Украина. Однесувањето на Русија како постојана членка на Советот за безбедност нема оправдување, истакна Османи. Русија освен што започна агресивна војна против Украина, предизвика и енергетска несигурност и недостаток на храна во светот.
Претседавачот на ОБСЕ ги пренесе позициите на Северна Македонија, која се води од принципите на меѓународното право и Повелбата на ОН. Нашата земја од самиот почеток ја осуди руската војна против Украина и како голем број членки на ОН, даде поддршка на истрагата за евентуални воени злосторства врз украинскиот народ, а сега дава поддршка и на враќањето на мирот и заштитата на меѓународниот поредок.
Претседавачот со ОБСЕ, на претставниците на земјите-членки на ОН им порача и дека политичките дејствувања на национално и меѓународно ниво ќе бидат бесмислени ако се остане нем пред човечките страдања кои не се предизвикани од природни катастрофи, туку од намерна воена агресија. Потенцираше дека одговорност мора да има, бидејќи тоа е најефективното средство за ова што се случува во Украина да не ѝ се повтори на друга суверена држава и на друг народ.
