Една година од Руско-украинскиот конфликт
Една година од почетокот на руската инвазија врз Украина. Војната го промени светот, внесе неизвесност, енергетска и економска криза, стравување од нуклеарен напад. Во Обединетите нации изгласана резолуцијата за итно повлекување на руските трупи од Украина...

Една година, Европа живее во нова реалност откако големите украински градови, вклучително и Киев беа нападнати од Русија од земја, воздух и море. 12 месеци, стравот од војна е секојдневие, а економската стабилност предизвик. За 365 дена, Украина регистрираше над пет илјади ракетни, 3.500 воздушни и речиси 1.100 напади со беспилотни летала. Европа пак, високи цени на енергенсите, храната, основните намирници. Додека Киев го очекува најавеното вооружување од сојузниците, Москва и натаму цели кон клучните населби во регионите Доњецк и Луганск.
„Никогаш нема да мируваме додека руските убијци не се соочат со заслужената казна. Казната на Меѓународниот трибунал, пресудата е очигледна. Пред 9 години соседот стана агресор, пред една година агресорот стана џелат, ограбувач и терорист. Не се сомневаме дека ќе одговараат. Не се сомневаме дека ќе победиме“, Володимир Зеленски-претседател на Украина.
Синоќа Генералното собрание на ОН донесе резолуција со која се бара итно повлекување на руските војници од Украина, повикувајќи на праведен и траен мир. На годишнината од војната, НАТО и ЕУ ја потврдија континуираната финансиска и воена поддршка за Киев.
„Пред една година, Путин започна нелегална агресивна војна со очигледно кршење на основните меѓународни правила. Тој сакаше да ја скрши волјата на украинскиот народ и да го скрши нашето единство“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.
„Ќе продолжиме да вршиме притисок врз Русија и врз оние што ја поддржуваат на бојното поле. Ќе продолжиме да ги следиме пријателите на Путин и ќе тргнеме по оние што и помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите или да го надополни својот воен арсенал“, Урсула фон дер Лајен-претседателка на Европската комисија.
За една година, шефови на држави и влади се обидоа да преговараат за мир во Украина. Најнов е кинескиот план од 12 точки во кој меѓу другото се бара почитување на суверенитетот на сите земји, напуштање на менталитетот на Студената војна, завршување на непријателствата, решавање на хуманитарната криза.
„Секогаш сме биле на страната на мирот и дијалогот и на вистинската страна на историјата. Кина е подготвена да работи заедно со меѓународната заедница врз основа на документот за позиции за да дадеме свој придонес во политичкото решавање на украинската криза“, рече Ванг Венбин-портпарол на МНР на Кина
За „специјалната воена операција“, како што се нарекува во Москва, некои руси велат дека го поддржуваат претседателот Путин и се е направено како што треба.
„Беше правилна одлука да ја започнеме војната бидејќи моравме да ги вратиме нашите територии“, рече Никита-жител на Москва.
„Јас сум од Белгород. Се плашев да останам таму за време на годишнината и дојдов во Москва“, додаде Елена-жителка на Белгород.
„Мислам дека нашиот претседател, прави се како што треба“, рече Ирина-жителка на Москва.
Илјадници луѓе загинаа во војната, иако точната бројка не ја потврдуваат ниту Киев ниту Москва. Од УНИЦЕФ велат дека 1.200 деца го загубиле животот во конфликтот. Повеќе од осум милиони Украинци се раселени. За една година, многу жители на Русија исто така ја напуштија татковината.
Маријана Димовска
