Изложба

Дела од Лубарда во Музејот на современа уметност

24.02.2023 11:58

Изложбата се поставува по повод одбележувањето на 60 годишнината од скопскиот земјотрес, а на неа ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари од втората половина на 20 век на просторот на поранешна Југославија...

Во текот на целиот месец март во Музејот на современа уметност-Скопје ќе биде поставена изложба на дела од уметникот Петар Лубарда.

Изложбата е резултат на заедничката соработка на Министерствата за култура на Црна Гора и Република Северна Македонија и Музејот на современа уметност-Скопје под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија – Стево Пендаровски.

Куратори на изложбата се Благоја Барошанец и Владимир Јанчевски, а соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчоска. Изложбата се поставува по повод одбележувањето на 60 годишнината од скопскиот земјотрес, а на неа ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, најзначајниот уметник и еден од најистакнатите сликари од втората половина на 20 век на просторот на поранешна Југославија.

Неколку месеци по скопскиот земјотрес, поточно во октомври 1963 година, Петар Лубарда ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, кои подоцна биле изложени и во Скопје, и со тоа станува не само еден од првите, туку и најголем дарител на Музејот на современа уметност – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела и тоа: 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои се резултат на две и пол децении творење на уметникот Лубарда од 1942 до1966 година.

„Изградена како заеднички потфат на авторот и Музејот, оваа колекција на репрезентативен начин го претставува развојот на уметничкиот израз на Лубарда, а според квалитетот и обемот претставува една од најзначајните и најобемните збирки на дела. Приврзаноста на Лубарда за специфичниот црногорски пејзаж и љубовта кон старата култура, кон судбоносните и историските теми, може да се проследат преку неговите дела од колекцијата на МСУ. Она што e особено значајно во неговиот уметнички израз е неговото драматично чувство за светот како целина во корелација со географските, социјалните, политичките и културните слоеви на местото на потекло, како и неговата епска ширина, неговата глобална визија и уметноста на спојување на националното и универзалното. Неговиот фигуративно-асоцијативен експресионизам е исполнет со медитерански импулси преточен во подеднакво рудиментирани, интензивно обоени апстракции. Лубарда на впечатлив начин ги вклучува локалните теми и мотиви и ги трансформира низ формалната игра со визуелните елементи, вградувајќи ги во стремежот за универзалното“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.

Изложбата ќе биде отворена до 31 март 2023 година.

 

*Фото: МСУ