Во претквалификациите за Евробаскетот 2025, Македонија го претрпе првиот пораз
Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе првиот пораз во претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако во петтото коло загуби на гостувањето против Словачка...

Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе првиот пораз во претквалификациите за Евробаскетот 2025 откако во петтото коло загуби на гостувањето против Словачка со 82-73. Кобна за поразот на нашата репрезентација беше третата четвртина во која избраниците на Јончевски реализираа со само 25 отсто од поле, а Словаците влегоа во елемент за три поени. Продолжија во ист ритам и во последната четвртина, притоа реализирајќи 14 обиди зад линијата 6,75 во текот на целиот натпревар.
Изгубените топки на нашите репрезентативци во транзиција скапо не чинеа на отворањето на натпреварот. Притоа Словачка беше расположена во обидите за три поени па домаќинот стекна предност од 11-3 по само две минути.
Со овој пораз, нашите кошаркари дозволија секакви сценарија за крајот на групната фаза, бидејќи сега сите опции се отворени. Средбата во Левице во целост му припадна на далеку помотивираниот домаќин кој ги казни сите грешки и ја обезбеди победата.
Македонија и покрај поразот останува на првата позиција на табелата, но за заверување на единственото место кое води директно во квалификациите за континенталниот собир потребна е победа против Норвешка во последниот натпревар кој ќе биде одигран во недела во Осло.
