Инспекторатот со задолженија за болницата во Прилеп
Институциите најавуваат дека денеска ќе се огласат за состојбата со затворените операциони сали во прилепската болница кои остана под клуч по минатонеделниот случај кога почина пациентка на скопските Клиники. Државниот санитарен и здравствен инспекторат испрати задолженија за болницата. Независно од тоа Обвинителството, ја бара документацијата за лекувањето на тројца пациенти...

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја задолжи прилепската болница да врши месечен, наместо квартален бактериолошки мониторинг во одделите со висок ризик. Да назначи овластен лекар за координација на работата на комисијата, следење на состојбата со интрахоспитални инфекции, контрола на спроведување на мерките од Програмата за интрахоспитални инфекции и следење на резистенција на одредени причинители на заразни болести. Ова е по вонредниот надзор на Инспекторатот одминатата недела кога се затворија операционите сали по случајот со 52 годишната пациентка која по компликации почина на скопските клиники.
Во Болницата денеска ги очекуваат официјалните резултати од земените брисови од операционите сали и персоналот. Од резултатите ќе зависи отворањето на салите. Направиле вонредно прочистување и дезинфекција и уверуваат дека цело време работеле според годишната програма во согласност со правилникот на Министерството за здравство кој подразбира сузбивање и превенција на интрахоспитални инфекции.
Со реакција се огласи и Платформата за родова еднаквост. Изрази сочувство до семејството на починатата пациентка и инсистира на транспарентност на здравствените установи и одговорност за состојбите зашто, сметаат, има системска негрижа за здравјето на пациентите.
Прилепското Обвинителство почна да истражува три случаи на пациенти. Двајца кај кои е пронајдена бактерија и за еден пациент, лекуван на невропсихијатриското одделение.
Елизабета Митреска
