ФЗОМ

Ковачевски: Експертите го решија кибернападот за 14 дена

24.02.2023 14:10

Вработените во Фондот за здравствено осигурување неуморно работеа и успеа за две недели да најдат решение за хакерскиот напад, вели премиерот Ковачевски. Предложи награда за еден од инженерите коишто работеа на справувањето со последиците од хакирањето...

Премиерот Димитар Ковачевски, најави дека ќе побара еден од експертите што работеле на справување со кибернападите, да биде одликуван со државна награда во име на сите инженери кои во овој период се ангажирале на отстранување на последиците од кибернападот на Фондот за здравство.

Во ВМРО – ДПМНЕ велат Ковачевски наместо да дели награди, да побара оставка од директорот на фондот, Фатон Ахмети, кој користеше одмор и беше во партиска посета во САД, додека институцијата со која раководи имаше крахиран систем и владееше неизвесност за податоците. Според нив, скандалозно е што ФЗОМ нема бекап-меморија, иако државата има ИКТ-центар во Прилеп.

Според ВМРО-ДПМНЕ, кога станува збор за кадрите на ДУИ во институциите Ковачевски или ги наградува или молчи, не смее да преземе чекор, а не, пак, да побара оставка. Премиерот Ковачевски уверува – нема привилегирани за несовесно работење, нема пардон за ниту еден функционер, кој ја злоупотребува позицијата.

 

Игор Панов