Македонскиот државен врв со поддршка за Украина
Украина е веќе морален победник во војната, го обедини демократскиот свет и и се спротивстави на руската агресија, рече претседателот Пендаровски на годишнината од почетокот на војната. Истакна - не смееме да останеме неми пред страдањата на украинскиот народ, истакна Пендаровски. Спикерот Џафери порача дека останува нашата силна политичка, хуманитарна и безбедносна поддршка за Киев...

Русија ги наруши сите закони на меѓународното право и принципите усвоени по крајот на студената војна за неменливост на границите. Единствен праведен исход од војната е Украина да биде целосно ослободена, рече шефот на државата Пендаровски на конференцијата по повод годишнината од инвазијата.
„Република Украина веќе е морален победник во овој конфликт, бидејќи успеа за својата кауза да го обедини демократскиот свет, кој покажа невидена солидарност и поддршка во спротивставување на нарушувањата на човековите права и посегање по слободата на луѓето. За сите оние што мислат со својата глава, нема никаква дилема дека руската агресија е војна на една диктатура против една демократија. Војна на минатото против просперитетот. И во тој судир, демократскиот свет нема право на пораз“, изјави претседателот Пендаровски.
Претседателот на Собранието и министерката за одбрана, Џафери и Петровска коишто ја посетија Украина порачаа дека демократскиот свет мора да продолжи со поддршка на земјата.
„Ја демонстриравме решителноста да продолжиме со нашата поддршка за Украина со политичко, економска, хуманитарна, безбедносна помош се до слобода на Украина и украинскиот народ“, изјави претседателот на Собранието, Џафери.
„Духот на украинските граѓани, поддршката од земјите на ЕУ и од НАТО овозможија да се продолжи работата на сите гранки на власта. Посебно на сите институции. Повеќе поддршка сега значи побрза победа и мир“, изјави Лариса Дир, амбасадор на Украина.
Нападот врз Украина го вклучи алармот кај Европската унија која со отворањето на преговорите со Македонија и Албанија покажа дека е столб на стабилноста, истакна вицепремиерот за европски прашања Маричиќ.
Македонија како претседавач со ОБСЕ поддржува мировни преговори и крај на војната, но и казнување на сите направени воени злосторства во Украина, порачаа од МНР.
Ирина Гелевска
