Дојави за поставени бомби во училишта во Скопје и Прилеп, МВР утврди дека се лажни
Лажни се дојавите за поставени бомби. И денеска на електронските адреси на 18 средни училишта во Скопје и едно во Прилеп пристигнаа закани за поставени експлозивни направи. Антитерористички екипи вршеа проверки на објектите, МВР вели, работи на расчистување на случаите...

Повторно дојави за бомби на електронските адреси во неколку училишта во Скопје и во Прилеп. Од Министерството за образование и наука со препорака учениците по дојавата за бомба да се вклучат онлајн на настава.
Веднаш по добиените дојави, полицијата спроведе антитерористичките проверки во 18 училишта во главниот град и едно во Прилеп. Од МВР потврдија дека станува збор за лажни пријави. Учениците речиси секојдневно губат часови, квалитетот на образовниот процес со месеци е нарушен. Оваа слика на учениците веќе им е секојдневие.
Од Министерството за образование до сите училишта со препорака доколку има дојава за бомба, наставата во текот на денот да продолжи онлајн за да нема губење на часовите. Од СОНК ценат дека ова е обид на министерството да се спаси што може да се спаси, бидејќи годинава се изгубени многу часови. Според нив, онлајн наставата не е исто што и наставата со физичко присуство на учениците, но сепак е многу подобро отколку да се губат часови.
Земјава веќе неколку месеци во континуитет се соочува со лажни дојави за поставени бомби. Закани стигнуваат на електронските адреси на училишта, институции, јавни и станбени објекти. Надлежните велат дека станува збор за хибриден напад.
Ана Јосифоска Тодоровска
