Свет

Одобрен десеттиот пакет санкции против Русија, продолжуваат воените дејствија во Украина

25.02.2023 10:10

И по една година од агресијата, наспроти сите осуди, продолжуваат воедните дејствија. Украинската војска соопшти дека Русија го удвоила бројот на активни бродови во Црното Море, предвидувајќи дека тоа е подготовка за ракетни напади. Европската унија го одобри десеттиот пакет санкции против Русија. Во рамки на Советот за безбедност, Обединетите нации ја усвоија резолуцијата за праведен и траен мир...

Европската унија го усвои десеттиот пакет санкции против Русија. Шведското претседателство соопшти дека земјите-членки ги вовеле најсилните и најдалекусежни санкции досега за да ѝ помогнат на Украина да победи во војната.

„Гледаме здравствени установи оштетени или уништени од гранатирање. Ова има сериозни последици врз способноста да се обезбедат основни услуги за децата во Украина“, изјави Афшан Кан, регионален директор на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.

„За жал, гледаме ситуација кога има 13 милиони луѓе кои се откорнати од своите домови, а меѓу нив има осум милиони бегалци кои избегаа низ Европа и повеќе од пет милиони луѓе кои се внатрешно раселени во земјата“, рече Шабија Манту, портпарол на Агенцијата на ОН за бегалци.

„Луѓето во моментов живеат на ниски температури без струја, топлина и во некои случаи без вода поради штетите на енергетската инфраструктура на Украина“, изјави Биргит Бишоф Ебесен регионален директор на IFRC за Европа.

Индија и Кина пак, прават притисок на Г20 во соопштението за Украина да го нема зборот војна. Русија, која е членка на Г20, своите дејствија во Украина ги нарекува „специјална воена операција“ и избегнува да ја нарече инвазија или војна.

Украина: Можни се руски ракетни напади од Црното Море

Украинската војска соопшти дека Русија го удвоила бројот на активни бродови во Црното Море, предвидувајќи дека тоа е подготовка за ракетни напади. Минатата сабота Украина објави дека Русија лансирала четири ракети „калибр“ од Црното Море. Руската црноморска флота е базирана на полуостровот Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.

Владимир Кличко, братот на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, тестираше „Леопард 2“ во Германија.

„Пред една година не помислував дека ќе ги возам овие тенкови. Една година војна во Украина, година на страдање и година на добивање на нашата волја посилна од кога било. Силен како овој тенк. Слава на Украина. Слава на хероите“, изјави Владимир Кличко, брат на градоначалникот на Киев.

Захарова: Ги споделуваме ставовите на Кина за украинската криза

Москва високо ги цени напорите на Кина да придонесе за мирно решавање на украинскиот конфликт. Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, рече дека Москва ги дели ставовите на Пекинг за украинската криза.

Марина Ристова