Куманово

Куманово: Помалку разводи, но повеќе нарушени односи

26.02.2023 11:23

Помал број на бракоразводни постапки, но зголемен на нарушени брачни односи, регистрира Центарот за социјални работи Куманово. Главните причини за распаѓање на едно семејство се зависноста од коцкање, алкохол и дроги...

Намалување на бројот на бракоразводни постапки, но зголемување на случаи со нарушени брачни односи регистрира кумановскиот Центар за социјална работа. Лани центарот евидентирал 135 бракоразводи, постапки за мирења, додека претходната година бројката изнесувала 173. Но бројот на постапки со нарушени брачни односи ако во 2021 година имало само 3, лани достигнал 24.

„Ако главни причини за развод на бракот тогаш биле неверството, карактерните разлики на брачните партнери, егзистенцијата на семејството како резултат на материјалната необезбеденост по основ на невработеност и други. Во последните неколку години се соочуваме со поголемо присуство на социо-патолошки појави, како што се зависноста од коцкање, зависноста од алкохол и зависност од дроги и други психотропни супстанции и неретко има случаи каде и двајцата родители се опфатени со некоја од зависностите“, истакна Александра Арсовска-директорка на Центар за социјална работа Куманово.

Како причина надлежните ја наведуваат и зависноста од интернет и социјалните мрежи. Укажуваат дека намалувањето на бројот на разводи се должи на посветеноста на стручните работници со лицата кои добиваат советување и надминување на стигмата за институционална помош и поддршка.

„Центарот како старателски орган има за задача да се грижи за правата и интересите на малолетните деца, кои најчесто се најголемите жртви од бракоразводните постапки“, потенцира Арсовска.

Стручен тим работи како со малолетните деца на кои им е неопходна психолошка помош и поддршка, така и со двајцата родители кои се наоѓаат во пролонгирана конфликтна состојба.

 

Елена Георѓиевска