Реакции за иницијативата на Алтернатива
Неприфатливо и крајно несериозно, СДСМ за иницијативата од Алтернатива за формирање заедница на албански општини во Македонија. Осуда и од Демократскиот сојуз – националистичка реторика со сериозна закана за меѓуетничките односи...

Неприфатливо и крајно несериозно, вака од партијата на власт ја карактеризираат иницијативата од Алтернатива за формирање заедница на општини, со доминантно албанско население.
Од СДСМ, велат дека во изминативе години нашата држава посветено работи на еднакви права за сите граѓани, па ова барање според нив е обид на одредени политички структури да придобијат дел од гласачкото тело.
Од Демократскиот Сојуз најостро ги осудуваат изјавите на водствата на албански политички субјекти, според нив, оваа националистичка реторика претставува сериозна закана за меѓуетничките односи, прикривање на криминалот и директно ги загрозува евроинтеграциските перспективи на Македонија.
„Дестабилизацијата на Македонија ќе значи и дестабилизација на Балканот, што е главна стратегија и цел на Русија, како на националистите во Бугарија“, велат од партијата.
Македонија беше главен логистички центар на НАТО, но тоа не им пречеше на УЧК во 2001 година да отворат војна во Македонија со територијални барања, а подоцна, под притисок на САД, да ги трансформираат во барања за човекови права, тој конфликт ја врати Македонија дваесет години назад и затоа задоцнивме со членство во НАТО и ЕУ.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ кој го соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, е дека во Македонија дел од Уставот е Рамковниот договор, а тој го гарантира унитарниот карактер на Македонија. Според него, ако има политички партии коишто сакаат да го напуштат Рамковниот договор, тогаш треба да кажат пред македонската јавност дека тие не го признаваат Рамковниот договор зад кој како гарант стои цела меѓународна заедница и ги повика политичарите да не ги разгоруваат меѓуетничките тензии.
Александра Спировска
