Хрватска

Далмација отсечена поради снежното невреме, во Романија вклучен портокалов метеоаларм

27.02.2023 11:47

Поради големите наноси и ветрот со брзина и до 150 километри на час, блокирани патните правци од Далмација кон внатрешноста на земјата. Портокалов метеоаларм, пак, со предупредување за обилни снежни врнежи на северот од источните Карпати и подпланинските подрачја во Романија...

Снег предизвика целосен колапс на сообраќајот и ја отсече Далмација од остатокот од Хрватска. Поради големите наноси и ветрот со брзина и до 150 километри на час, блокирани патните правци од Далмација кон внатрешноста на земјата. Во Грачац, Госпиќ, Обровац и Книн отворени прифатни центри. На терен се и спасувачки екипи, кои помагаат да се извлечат заглавените од снегот. Пријавена е и жртва.

„На автопатот А1 кон север кај Бриње се случи сообраќајна незгода. Се превртел на левата страна. Во моментот на несреќата во автобусот имало 10 лица, од кои едно лице починало на самото место. Другите патници се пренесени во болниците во Карловац и Огулин каде што им е укажана лекарска помош“, изјави Маја Брозичевиќ, полиција Личко-Сењска област.

Во земјата е вклучен црвен метеоаларм.

Портокалов метеоаларм за снежни врнежи во Романија

Портокалов метеоаларм, пак, со предупредување за обилни снежни врнежи на северот од источните Карпати и подпланинските подрачја во Романија.

Снегот го покри магистралниот пат 17 и многу возачи стравуваа дека ќе останат заглавени.

„Да, опасно е! Натоварен сум. Времето е вакво околу еден час.“

„Засега ситуацијата е таква, може да се напредува, но ако падне уште снег, ќе биде опасно.“

„Досега натоварив околу 20 тони. Само за еден.“

Снежните наноси предизвикаа проблеми во сообраќајот и во делови на Босна и Херцеговина и Србија.

 

 

 

 

 

Марина Ристова