Невреме оштети земјоделски насади во штипско

06.05.2014 10:36

Невреме со град во штипско оштети зеленчукови, лозови и овошни насади. За десетина минути земјата побеле и ги оштети растенијата за околу 10 насто...

Силно невреме проследено со вржи од дожд и град, што  го зафати Штипско, предизвика штети кај овошките и градинарските култури. Најголеми оштетувања има кај грашокот, боранијата, лозјата и житариците, особено во делот на населбата Три Чешми каде се уништени околу 10 отсто од културите:

„Град паѓаше едно 10 минути, замјата побеле, се што имаше заврзано бутна долу. Штетите се големи“, вели Стојан Колев, жител на Три Чешми.

„Праските што фатија плод, сите беа на земјата, кајсиите исто така. Грозјето штотуку почна да врзува и него го најдов на земјата“, додава Анка Колева, жител на Три Чешми.

Синоќешното невреме, за овдешните жители е само продолжение на лошата земјоделска сезона.

„За земјоделието, особено за пролетните култури кои се ненавремено насеани, сега и она што роди не можеме да го сочуваме, е многу лошо. Како ќе биде натаму, не знам“, вели Колев.

Освен во Три Чешми град синоќа имаше уште во неколку села во Штипско – Карбинскиот крај, но штетите таму се помали.

 

Оливера Жежова