Кривичен суд

Денеска прво рочиште за Жан Митрев, судот ја блокираше сметката на клиниката

28.02.2023 09:11

Кардиохирургот Жан Митрев денеска седнува на обвинителна клупа. Во скопскиот Кривичен суд почнува процесот во кој на познатиот лекар му се суди за измама на пациенти заболени од Ковид – 19...

Кардиохирургот Жан Митрев денеска седнува на обвинителна клупа. Во скопскиот Кривичен суд почнува процесот во кој на познатиот лекар му се суди за измама на пациенти заболени од Ковид – 19. Од клиниката целосно го отфрлаат обвинението како неосновано и велат оти ќе докажат дека ниту еден пациент не бил измамен.

Митрев се товари дека во периодот од јуни 2020 до јуни 2022 година со намера да прибави значителна материјална корист, со умисла довел во заблуда 283 пациенти болни од Корона дека методот на лекување со хемофилтрација може да ги излекува од опасната болест. Според обвинението, најголем дел од пациентите однапред уплаќале по 12.000 евра за пакет од две хемофилтрации, без да им биде објаснет овој метод и потенцијалните ризици од него, но и без да се прибави соодветна согласност за примената на оваа процедура, што е спротивно на Законот.

Од Клиниката Жан Митрев информира дека на еден ден пред да отпочне судскиот процес, од страна на Кривичниот суд е донесено решение за определување на предлог мерки кои предвидуваат целосно блокирање на сметките на болницата. Според нив, со донесените мерки целосно се блокира работењето на болницата која нема да биде во можност да ги отплаќа обврските кон банките. Во пресрет на рочиштето велат оти побарале фер судење но добиле „пресуда“ уште пред отпочнување на судскиот процес.