Туризам

Потребно е вложување во еко зелени хотелски капацитети

28.02.2023 09:33

Енергетската криза уште една покажа дека е потребно вложување во еко зелени хотелски капацитети. Главната причина е заштитата на животната средина, но и заштеда на електрична енергија. Според директорот на Агенцијата за туризам во охридско-струшкиот регион сè уште недостигаат и препознатливи хотелски капацитети од светските познати ланци...

На охридско-струшкото крајбрежје потребни се инвестиции во еко зелени хотелски капацитети. Главната причина е заштитата на животната средина како една од клучните препораки на Унеско, но и заштеда на електрична енергија во време на криза.

Постоечките хотели треба да ги редизајнираат своите објекти, системите за греење и ладење, за да ги направат еколошки попријатни. Бројот на патници кои избираат да одат на еко патување расте, согласно последните студии, туристите се подготвени да платат и повеќе.

„Се повеќе и повеќе ќе се случува да создаваме аранжмани по барање на туристите отколку ние да им нудиме програми коишто веќе тука. Цената веќе не е пресудна, туку услугата и сигурноста на дестинацијата. Сè уште го чекаме првиот хотел во Охрид којшто ќе ги има зелените ѕвезди“, изјави Љупчо Јанески директор на Агенција за туризам.

Во регионот сè уште недостигаат и препознатливи хотелски капацитети од светските познати ланци. Треба да се работи на привлекување на вакви инвестиции.

„Очекувам дека во брзо време можеби до 2025 година веќе во Охрид да имаме хотели коишто ќе имаат одредени франшизи од светски ланци. Тогаш ќе бидеме многу повеќе на мапата и чекор погоре кон елитниот туризам“, изјави Љупчо Јанески директор на Агенција за туризам.

Во моментов најголемиот дел од хотелите на охридско-струшкото крајбрежје се под клуч. Главната причина е енергетската криза и високите сметки за електрична енергија.

 

 

 

Соња Рилковска