Одложено судењето за нападот врз Пендиков
Главната расправа од судењето против напаѓачот на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков е одложено за 5-ти април. Судот го прифати барањето на одбраната на обвинетиот Илија Спасески поради тоа што обвинителството не ги доставило сите докази од предистражната постапка до одбраната...

Главниот претрес од судскиот процес на којшто му се суди на обвинетиот Илија Спасески за физички напад и нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, секретар на Бугарскиот клуб во Охрид е одложено на барање на адвокатите на обвинетиот. Како што рекоа тие до одбраната не биле доставени дел од аудио и видеозаписите, како и вештачењата со кои располага обвинителството поради што судијата, Бојан Мартиноски го одложи рочиштето за 5-ти април. Според обвинението Спасески го претепал Пендиков поради омраза по национална и етничка припадност, што неговиот бранител го негира.
„Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа, кога тој малиот прв беше кој кажа дека тоне бродот. Сега размислите дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички акцент, призвук којшто се исполитизира до едни страшни граници“, изјави Димитрија Цобоски, адвокат на обвинетиот.
Застапникот на Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски посочи дека оштетениот ќе се појави пред судот кога ќе го заврши лекувањето на вилицата, при што рече дека не го гледал интервјуто кое тој го даде за една бугарска телевизија. Го знам неговиот телефонски број, но не и адресата на живеење во Софија рече тој пред судот.
„Како оштетена страна ќе имаме отштетно побарување во текот на постапката, да парично обесштетување“, изјави Стефан Камишевски, адвокат на оштетениот.
Да потсетиме дека инцидентот во кој беше претепан Пендиков се случи на 19-ти јануари, по што бугарските власти бурно реагираа и тој беше транспортиран на лекување во Софија.
Сашо Нелоски
