Одложено рочиштето за Жан Митрев, судот ги блокираше сметките на болницата
Одложено судењето за кардиохирургот Жан Митрев. Не бил комплетиран правниот тим на одбраната. Кривичен ја блокира сметката на болницата…

Во очи судењето, Жан Митрев ангажирал нови адвокати кои немале време да подготват одбрана. Побараа, а судот им одобри, одложување на рочиштето за 5-ти април до кога треба да извршат увид во доказите. Во меѓувреме, на барање на обвинителството, судот ги блокираше сметките на болницата.
Во однос на оваа одлука, од Клиниката „Жан Митрев“ велат дека судот донел пресуда без судење со која болницата треба да престане со работа и додаваат дека повеќе не се во можност да ги отплаќаат обврските кон банките.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме сè што е во нашите можности и лекувањето на ниту еден пациент нема да биде доведено во прашање иако, постапките на Кривичниот суд, а на барање на Обвинителството одат во поинаква насока, односно бараат наше затворање“, се наведува во соопштението од Клиниката.
На Митрев му се суди за измама на пациенти заболени од Ковид-19. Според обвинителниот акт, во екот на пандемијата со намера да се збогати со умисла довел во заблуда 283 пациенти, уверувајќи ги дека со хемофилтрација може да куртулат од опасната болест. Болните уплаќале илјадници евра, без при тоа да им бидат објаснети потенцијалните ризици од овој начин на лекување.
Анита Димитријевска Велковска
