Куманово: Три дена чади градската депонија
Силниот ветер предизвика пожар на кумановската градска депонија. Надлежните со механизација нанесуваат земја и се справуваат со чадот, кој се чувствува во селата Пчиња и Студена Вода. Во изминативе пет години на оваа депонија имаше само два поголеми пожари. Трајно решение на проблемот надлежните гледаат во изградбата на трансфер центар во рамки на проектот за регионална депонија...

Три дена чади кумановската депонија Краста во село Пчиња. Надлежните од јавното претпријатие Чистота и Зеленило сметаат дека силниот ветер е причина за зачадувањето. Екипи од претпријатието со поддршка на приватни стопанственици со механизација нанесуваат земја. Зафатен е горниот дел од депонијата од платформата. Чадот од депонијата се чувствува во селата Пчиња, како и Студена вода.
„Во внатрешниот дел на депонијата има гасови коишто тлеат и поради нив доаѓа до настанување на пожар и се многу тешки за гасење. Го ставивме под контрола целиот пожар речиси 70 проценти од депонијата е санирана, но останаа уште 30 проценти, оној дел висока платформа која е многу тешка и непристапна за работа за гасење на самата механизација“, изјави Даниел Стојчевски, директор на ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово.
Во гаснењето на пожарот интервенирале и кумановските пожарникари. Во изминативе пет години на депонијата имаше само два поголеми пожари.
И лани, во два-три наврати чадеше депонијата и надлежните од „Чистота и Зеленило“ сметаа дека е човечки фактор. Случаите се пријавени и во полицијата.
Трајно решение на проблемот надлежните гледаат во изградбата на трансфер центар во рамки на проектот за регионална депонија за источниот и североисточниот плански регион. Но, сè уште не е распишана постапка за санација на депонијата.
„Она што го имаме како информација од Министерството за животна средина и просторно планирање, постапката која беше распишана во текот на минатата година и фирмата којашто ја има добиено постапката за санирање на самата депонија го има откажано договорот и според нашите информации веќе во тек е нова постапка“, вели Стојчевски.
Регионалната депонија велат ќе биде од бенефит за општината, мештаните коишто живеат во непосредна близина и самото претпријатие.
Елена Георгиевска
