Во Прага, средба Петровска – Чернохова: Северна Македонија и Чешка ја продлабочуваат одбранбената соработка
Двете министерки се согласија дека неодамна потпишаниот Договор за ремонт на хеликоптери помеѓу двете влади ќе ја зајакне и интензивира билатералната и одбранбената соработка помеѓу државите...

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска со пречек со високи воени почести ја започна својата официјална посета на Чешката Република, во чии рамки оствари средба со чешката министерка за одбрана, Јана Чернохова.
Двете министерки се согласија дека неодамна потпишаниот Договор за ремонт на хеликоптери помеѓу двете влади ќе ја зајакне и интензивира билатералната и одбранбената соработка помеѓу државите.
На средбата, оценувајќи ја билатералната соработка со Чешката Република како одлична, министерката Петровска истакна дека Чешка не е само наш близок НАТО сојузник, туку и гласен поддржувач на европската интеграција на Северна Македонија.
За време на посета министерката Петровска беше во посета на Чешкиот Парламент каде оствари средба со Претседателот на Комитетот за одбрана на Чешка, Лубомир Метнар.
Попладнево, министерката Петровска ќе го посети Воздухопловниот ремонтен завод – ЛОМ, каде врз основ на потпишаниот договор Влада со Влада (G2G) во декември минатата година, во следниот период ќе бидат ремонтирани два хеликоптери Ми-8МТ.
