Вучиќ и Курти постигнаа договор за европскиот план, преговорите за имплементација продолжуваат
Во Брисел тешки разговори меѓу Белград и Приштина. Објавен договорот за нормализација на односите. Дополнителни преговори меѓу Вучиќ и Курти, на 18 март во земјава...

Александар Вучиќ, Албин Курти и Жозеп Борел на 18 март во Северна Македонија ќе водат разговори за имплементација на европскиот предлог-договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово откако синоќа во Брисел се согласија деке не се потребни натамошни разговори и дека тоа е рамката за нормализација на односите, по што ЕУ го објави договорот.
„Двете страни изразија подготвеност да започнат со спроведување на договорот, но потребни се дополнителни разговори и сите договори постигнати во минатото се обврска. Овој план е првенствено важен за луѓето кои живеат во Србија и Косово, за нивните граѓани. Според планот, тие ќе можат слободно да се движат, да ги користат пасошите и документите, како и регистарските таблички“, изјави Жозеп Борел, шеф на европската дипломатија.
Курти изјави дека бил подготвен да го потпише договорот, но дека, како што кажа, Вучиќ не бил подготвен, и дека договорот целосно ќе воспостави рамноправност на двете страни, симетрија и добрососедство на демократски начин.
Вучиќ рече дека инсистирал на формирање на ЗСО и дека е договорено разговорите да продолжат. Тој истакна дека не се зборувало за европскиот предлог за Косово, туку за имплементација на претходно потпишаното.
„Курти дојде со идеја да потпише нешто, а за тоа не се ни разговараше. Јас чекам да го видам планот за имплементација кој се однесува на претходно остварени обврски. Што се однесува до патоказот на овој предлог-договор, на него мора да се работи. Токму за тоа е имплементацијата. На почетокот на тој патоказ мора да биде она што некој не сака да го исполни – ЗСО!“-изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.
Србија и Косово признаваат дека неповредливоста на границите, почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет и заштитата на националните малцинства се основни услови за мир, стои во Договорот за нормализација на односите меѓу двете земји, што Европската унија го објави синоќа.
Шатл-дипломатијата ќе продолжи, во март ќе има нова средба на високо ниво со цел да се стави крај на дискусијата за анексот за имплементација, кој ќе биде насока за примена на Договорот кој според објавениот текст треба да води кон крајната цел-постигнување на правно обврзувачки договор за сеопфатна нормализација на нивните односи.
Оливер Бранковиќ
