Селби е новиот снукер владетел
Марк Селби е новиот светски шампион во снукер.30-годишниот Англичанец со 18:14 во фрејмови ја прекина доминацијата на Рони О,Саливен.

На најславната светска снукер-позорница во Шефилд се надигруваа големите мајстори на магичната игра. Одиграа величествен меч, антологиско финале. Почетокот му припадна на Рони О,Саливен.Кога поведе со 3:0,а подоцна и со 10:5 се одеше во прилог на прогнозите дека најголемиот играч на денешницата без проблеми ќе ја одбрани титулата. Но, Марк Селби психички извонредно подготвен , за разлика од 2007 година кога го загуби првото свое светско финале, во следните 12 фрејмови десет пати имаше победнички скор! Во пресудните моменти од борбата за титулата неговата прецизност во играта беше беспрекорна.Марк Селби е новото име на листата на светските снукер шампиони. По мечот изјави:„Да се освои првата светска титула со победа над Рони О, Саливен беше само сон, кој стана вистина.“ Рони О,Саливен секогаш џентлменески настроен каков што е впрочем и целиот снукер амбиент, му оддаде признание на својот помлад колега:„Се обидов да одиграм најдобро, дадов се од себе, но тој беше подобар.“
Марк Селби ја освои славата и 300 000 фунти, а „Крусибл Театарот“ во Шефилд го доби новиот свој јунак!
