Се засилува интензитетот на битките околу Бахмут
Претседателот на Украина, Зеленски, во своето редовно обраќање рече дека Русија воопшто не ги брои своите луѓе, туку постојано ги праќа да ги напаѓаат украинските позиции. Во овој град нападите траат веќе неколку месеци…

Се засилуваат битките околу Бахмут. Москва се обидува да ги прекине линиите за снабдување на бранителите на градот, со цел да ги принуди да се предадат или да се повлечат. Повеќе од 30 руски гранатирања се регистрирани во регионот на Керсон, има загинати.
„Русија воопшто не ги брои луѓето, испраќајќи ги во постојани напади на нашите позиции. Интензитетот на борбите само се зголемува. Ќе направиме се за да ги потиснеме терористите“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Членовите на Конгресот на САД во Комитетот за надворешни работи загрижени за можноста на кинеската понуда за поддршка на Русија. Претходно генералниот секретар на НАТО ја потврди ваквата можност, а воедно истакна дека Москва се подготвува за нови офанзиви, мобилизира повеќе војници со барања до Северна Кореја и Иран за контингенти оружје.
„Директорот на ЦИА, неодамна изјави дека американското разузнавање има причина да верува дека Кина размислува да испрати оружје во Русија“, рече Михал МекКол, претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
„Видовме дека Кина го засилува својот економски ангажман и купува од Русија. Многу јасно кажавме дека нема да се двоумиме да преземеме чекори за да ги повикаме на одговорност субјектите од НР Кина кои и помагаат на Русија“, вели Даниел Критенбринк, помошник државен секретар на САД за прашања од Источна Азија и Пацифик.
Кина неодамна објави мировен план од 12 точки за ставање крај на војната во Украина. Според белорускиот претседател Лукашенко кој е во официјална посета на Пекинг, ниту едно прашање во светот не може да се реши без Кина.
„Ви честитаме за мирното и промислено движење напред. Вие сами си го трасирате патот, никого не вознемирувате и не реагирате на малите каснувања од лево и десно во Народна Република Кина. Ова целосно одговара на духот и карактерот на кинескиот народ“, рече Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.
Американскиот државен секретар Блинкен ја заврши кратката турнеја низ Централна Азија во Узбекистан пред да замине за Индија на состанокот на министрите за надворешни работи од Групата 20, во кој доминантна тема е војната во Украина. Блинкен ги предупреди колегите од сите пет централноазиски земји за опасностите од руската инвазија на Украина.
Маријана Димовска
