Блинкен: Путин ја започна војната, тој може и да ја спречи
Се засилуваат битките околу Бахмут. Украинските сили на терен одбиле некои руски напредувања. Кина неодамна објави мировен план од 12 точки за ставање крај на војната во Украина. Пред самитот на Г-20 во Индија, американскиот државен секретар Блинкен Блинкен ги предупреди колегите од сите пет централноазиски земји за опасностите од руската инвазија...

Се засилуваат битките околу Бахмут. Москва се обидува да ги прекине линиите за снабдување на бранителите на градот, со цел да ги принуди да се предадат или да се повлечат. Украинските сили на терен одбиле некои руски напредувања. Гранатирања се регистрирани и во регионот на Керсон, има загинати.
„Русија воопшто не ги брои луѓето, испраќајќи ги во постојани напади на нашите позиции. Интензитетот на борбите само се зголемува. Ќе направиме се за да ги потиснеме терористите“, изјави Володимир Зеленски-Претседател на Украина.
Членовите на Конгресот на САД во Комитетот за надворешни работи загрижени за можноста на кинеската понуда за поддршка на Русија.
„Директорот на ЦИА, неодамна изјави дека американското разузнавање има причина да верува дека Кина размислува да испрати оружје во Русија“, рече Михал МекКол, претседател на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
„Видовме дека Кина го засилува својот економски ангажман и купува од Русија. Многу јасно кажавме дека нема да се двоумиме да преземеме чекори за да ги повикаме на одговорност субјектите од НР Кина кои и помагаат на Русија“, вели Даниел Критенбринк, помошник државен секретар на САД за прашања од Источна Азија и Пацифик.
Кина неодамна објави мировен план од 12 точки за ставање крај на војната во Украина. Според белорускиот претседател Лукашенко, кој е во официјална посета на Пекинг, ниту едно прашање во светот не може да се реши без Кина.
„Ви честитаме за мирното и промислено движење напред. Вие сами си го трасирате патот, никого не вознемирувате и не реагирате на малите каснувања од лево и десно во Народна Република Кина. Ова целосно одговара на духот и карактерот на кинескиот народ“, рече Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.
Американскиот државен секретар Блинкен ја заврши кратката турнеја низ Централна Азија во Узбекистан. Пред самитот на Г-20 во Индија, во кој доминантна тема е војната во Украина, Блинкен ги предупреди колегите од сите пет централноазиски земји за опасностите од руската инвазија.
„Сите ја знаеме едноставната вистина. Војната може да заврши утре, може да заврши денес, ако така реши претседателот Путин. Тој ја започна војната и може да ја спречи. Никој не треба да замижи пред фактот дека имаме агресор и имаме жртва“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.
Блинкен, исто така, тврди дека рускиот лидер не покажал дека е подготвен да се вклучи во значајна дипломатија, но ако го стори тоа, САД ќе бидат подготвени да преговараат со него.
Маријана Димовска
