Ќе се реконструира болницата за нефрологија во Струга
Со 400 илјади евра ќе се реконструира специјализираната болница за нефрологија во Струга. Ќе се менуваат подовите, модернизираат операциските сали и комплетно ќе се реновира одделот за „Холидеј дијализа“. Со сите овие зафати се исполнуваат условите за развој на здравствен туризам. Проектот е на владата поддржан од Швајцарската амбасада…
Ќе се реконструира Специјалната болница за нефрологија во Струга. За прв пат ќе има поголеми инвестиции за подобрување на условите. Со 24 милиони денари ќе се менуваат подовите, модернизираат операциските сали, дрвенаријата и комплетно ќе се реновира одделот за „Холидеј дијализа“.
Според проектот, болницата ќе добие и фотоволтаици и централно снабдување со кислород.
„Еден објект со високо реноме во минатото заради годините и дотраеноста во некој домен дотрошен за да го одржиме тоа реноме и квалитетот на здравствените услуги кои овде се пружаат да овозможиме логистички услови за да продолжат“, изјави министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов.
„И понатаму со идни проекти коишто ќе донесат добро за граѓаните, за развој на здравствен туризам, Холидеј дијализа, за подобрување на условите, за пациентите што се кај нас на дијализа“, додава д-р Александар Попоски, директор на специјализираната болница за нефрологија Струга.
Објектот е изграден во 1984-та, а изминативе четири децении немало поголеми градежни зафати, реконструиран е само покривот.
„Се прави комплетна реконструкција, кров столарија, фасада, подови, ѕидови и таму се поставува и греење и климатизација, громобранска инсталација но имаме и набавка на апарати за хемодијализа“, вели Мирјана Лозаноска, директор на Центарот за развој на Југозападен плански регион.
„Нефролошката болница добива средства со кои на некој начин ќе има подобри услови за работење, но и подобри услови за пациентите“, рече градоначалникот Рамиз Мерко.
Специјалната болница за нефрологија Струга опслужува до 200.000 пациенти од целиот регион, а редовно 110 лица се на хемодијализа.
Соња Рилковска
