Македонија

Лажни се и денешните дојави за бомби

01.03.2023 14:43

Лажни се и денешните дојави за бомби во 31 скопско училиште. Наставата почна со физичко присуство, продолжи онлајн. Ученици и наставници се пожалиле дека не можеле да се поврзат со апликацијата. Од МОН демантираат дека има проблем со лиценците…

Продолжуваат дојавите за бомби. Лажни дојави преку електронска пошта се испратени до 31 училиште во Скопје, каде наставата воопшто не започна. Веднаш по добиените пријави, надлежните институции безбедно ги евакуирале објектите.

Од Министерството за образование со препорака – наставата во училиштата каде има дојави за бомби да продолжи онлајн.

„Изминатиов период имавме проблеми, но тие се надминати. Дел од родителите кои реагирале не се во можност во тој краток период после дојавите да пристапат, а гледаме дека дојавите за бомби, покрај во средните училишта се почесто се присутни и во основните, а засегнати се и најмалите ученици“, изјави министерот за образование Јетон Шаќири.

Од 24-ти декември до сега пријавени се вкупно 56 закани за поставени бомби, од кои најголемиот дел е во училиштата, како и државни институции и трговски центри информираат од МВР. Додаваат – иако дојавите се лажни, целта е да се создаде несигурност и страв, со што станува збор за кривично дело тероризам.

Досега се поднесени три кривични пријави.

Марија Котовска