Куманово: Цената на гас намалена, се враќаат корисниците
Се враќаат корисниците на гас во Куманово. Цената бележи пад. Интерес повторно има кај правните и физичките лица. Намалувањето на цената на овој енергенс е речиси на крајот на грејната сезона. Високата цена создаде загуби кај претпријатието, но сепак продолжува ширењето на мрежата...

Голем дел правни и физички лица во Куманово се враќаат на затоплување на гас. Од јавното претпријатие „Куманово гас“ информираат дека интерес има откако е намалена цената за затоплување со овој енергенс. За февруари метар кубен чини околу 65 денари, за разлика од септември кога за еден кубик граѓаните требаше да платат по 155 денари. Поради високата цена тогаш бројни лица одлучија да ги откажат договорите.
“Можеби ќе имавме повеќе потрошувачи кои ќе се вратат но овој пад на цена дојде на крајот на грејната сезона, повеќето домаќинства и институции веќе имаат обезбедено енергенси до крајот на грејната сезона“, вели Марко Митровски, в.д директор на ЈП „Куманово гас“.
Од претпријатието се надеваат дека падот на цената ќе продолжи и наредната грејна сезона. Укажуваат дека лани се доведе во прашање функционирањето на претпријатието, кое бележи загуба од над шест милиони денари.
„Загубата ја диктира пазарот, ние немавме можност да испорачаме поголема количина на гас, нашиот единствен приход е од дистрибуција, снабдување на гас“, истакна тој.
Гасификациската мрежа во наредниот период треба да се прошири кон средното техничко и подрачното основно училиште, како и интернатот. Веќе се работи на неколку станбени единици на кои има инсталирано мрежи. Од претпријатието се надеваат дека бројот на корисници ќе се зголеми и по повикот за субвенции кој треба да го објави Владата. Заинтересираните лица за приклучок од државата ќе добијат 25.000 денари, како и дополнителни 15.000 денари од Општина Куманово.
Елена Георгиевска
