Лариса

Тридневна жалост во Грција, најмалку 36 загинати во железничката несреќа

01.03.2023 14:58

Најмалку 36 загинати, повеќе од 80 повредени во железничката несреќа кај Лариса. Директно се судрија товарен и воз со 350 патници кој се обраќал на релација Атина – Солун. Возеле со голема брзина. Излетани вагони. Приведен шефот на железничката станица. Во тек е увидот. Во Грција тридневна жалост…

Расте бројот на загинати во железничката несреќа во Грција. Патнички и товарен воз се судрија околу полноќ, во Темпи, централна Грција, во близина на Лариса. Повеќе вагони излетаа од шините, а најмалку три се запалија по судирот кој се случил кога патничкиот воз излегувал од подвозникот на автопатот. Премиерот Мицотакис прогласи тридневна жалост во земјата. Полицијата го уапси шефот на железничката станица во Лариса.

„Имаме обврска да ги лекуваме повредените и да ги идентификуваме загинатите. Покрај тоа, ви гарантирам една работа: ќе ги најдеме причините за оваа трагедија и ќе преземеме сè што е во наша моќ да се осигураме дека нема да се повтори“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција

Во моментот на судирот во возот имало најмалку 350 луѓе. Според официјални лица, многу од патниците во возот биле студенти кои се враќале дома откако го прославувале карневалот во текот на викендот.

„Првата слика беше страшна бидејќи имаше многу големи парчиња челик. Возовите се целосно уништени, и патничките и товарните. Патничкиот воз се движеше со околу 160 километри на час и имаше очигледен директен судар“, изјави сведок на несреќата.

„Слушнавме силен тресок, тоа беа ужасни 10-тина секунди. Вагоните почнаа да се превртуваат“, додаде друг сведок.

„Се симнавме од вагоните и тогаш се запалија“, рече сведок.

„Луѓето природно беа исплашени. Многу исплашен, всушност. Гледаа наоколу, бараа. Не знаеја каде се“вели друг сведок.

Спасувачките екипи користат тешка механизација за да преместат големите делови од возовите. Причината за најсмртоносната железничка несреќа во Грција во последните децении е непозната.

Марина Ристова