Македонија

Симулациска вежба за заштита и спасување во случај на земјотрес и пожар во училиштата

01.03.2023 15:00

Евакуирани ученици и наставници, укажување помош на повредени, беа дел од денешната симулациска вежба за заштита и спасување во случај на земјотрес и пожар. Во вежбата се вклучи и тим на психолози, специјализирани за интервенции во кризи...

Евакуирани ученици и наставници – во земјотресот има повредени. Силниот потрес предизвика и пожар во Основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“. Интервенираше Противпожарната бригада, Брзата помош, тимови од Дирекцијата за заштита и спасување и од Црвениот крст. За среќа, сирените означуваа само вежба, учениците учеа како да се справат со нешто што не може да се предвиди.

„Земјотресот е една од тие опасности кое никако не можеме да го предвидиме, но можеме да придонесеме многу доколку ги почитуваме препораките, правилата“, изјави Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.

„Се надевам дека се ќе остане само на вежба ама подготовката е секогаш најбитна да имаме спремни институции кои ќе интервенираат во било каков момент“, вели Ѕвонко Томевски, командир на Противпожарната бригада во Скопје.

„Треба да се работи многу, треба да се работи на овие деца, не е само симулација. Ова што го имаат научено да го спроведат, бидејќи постапката за земјотрес важи и во нивните училишта и во нивните домови“, вели Арѓенд Чиљафи – Црвен крст.

За прв пат во вежбата е вклучен тим на психолози, специјализирани за интервенции во кризи. Велат, важно е децата бидат подготвени за вакви случувања.

„Грижата за менталното здравје на учениците да биде наша постојана грижа секогаш, да ги подготвуваме, еве може како оваа вежба ама и со многу други активности, однапред како треба да реагираат, како емоционално да ги регулираат сопствените емоции“, изјави Мирјана Јовановска Стојановска – психолог.

„Тоа што се случува како дојави со вознемирувачка содржина, тоа што се случи во Турција, не натера да бидеме благодарни на една ваква симулациска вежба. Се надевам дека соработката со Дирекцијата ќе продолжи. Ние веќе имаме план за обуки кои треба да ни ги извршат, се со цел побезболно и без паника да ги преживееме ваквите моменти“, изјави Андреја Стојанов, директор на ООУ Кузман Јосифовски Питу.

Минатата година околу 5.500 ученици и наставници биле вклучени во слични вежби. Денешната вежба, во случај на земјотрес и пожар се одржа по повод 1-ви март, Меѓународниот ден на цивилната заштита.

Андријана Ѓурческа