Конференција

„Жени во политика-Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, со пораки и апел против говорот на омраза

01.03.2023 15:19

Во организација на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на УН Вомен, денеска се одржа конференцијата „Жени во политика-Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, која воедно е и најава за караванот „Гласна и Храбра“ кој од денеска започнува и има за цел зајакнување на жените...

Во организација на Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на УН Вомен, денеска се одржа конференцијата „Жени во политика-Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, која воедно е и најава за караванот „Гласна и Храбра“ кој од денеска започнува и има за цел зајакнување на жените.

Конференцијата ја отвори и модерираше Амбасадорот против говор на омраза за Западен Балкан, Огнен Јанески. Во воведниот дел беше прикажано и видео со клучни пораки против говорот на омраза од жени од различни политички партии, жени во политиката.

Министерката упати порака и лично искуство до сите жени од општествениот живот: „Секоја жена, вклучувајќи се и себеси може да биде жртва на говор на омраза, но тоа не смее да не поколеба во нашата животна определба преку политиката да градиме поквалитетен живот за сите граѓани. Исто така ќе споделам со вас мој личен заклучок дека секогаш кога поддржувам прогресивна идеа, реформски политики толку повеќе говорот на омраза е посуров и атакот врз мене бил посилен. Тоа мене не ме обесхрабрило туку напротив ми било потврда дека сум на вистинскиот пат. Но, некои жени говорот на омраза ги демотивира, а за некои е ветер во грб“, порача Тренчевска.

Министерството за труд и социјална политика како надлежно министерство континуирано работи на креирање на политики, стратегии и закони кои директно се насочени кон унапредувањето на родовата еднаквост. Во овој контекст, Стратегијата за родова еднаквост 2022 – 2027 е основен стратешки документ чија визија е постигнување родова еднаквост во општество како услов за целокупен и одржлив економски, социјален развој и напредок на земјата.

Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за обесштетување на жртвите од насилство, Кривичниот законик се правната рамка која превенира, заштитува и санкционира било каков облик на насилство врз жените вклучително и говорот на омраза.