Струмица

Завршија осумдневните карневалски празнувања во Струмица – организаторите задоволни

01.03.2023 16:26

Завршија осумдневните карневалски празнувања во Струмица. Организацискиот одбор задоволен од квалитетот на маските и посетеноста. Догодина најавуваат Европски карневал со повеќе маски од странство, бидејќи Струмичкиот ќе слави 30 години од приемот на Европската асоцијација на карневалски градови...

Со презентација на празникот Тримери, посветен на свршените девојки, завршија осумдневните карневалски празнувања во Струмица. Ансамблот „Распеани струмичани“, отпеаја тримерски песни а организаторот подели посна храна, како илустрација на обичаите по домовите за големиот велигденски пост за кој се врзува Струмичкиот карневал.

Карневалџиите денеска и официјално го предадоа клучот на градот на општинските власти. Александар Цицимов е задоволен од посетеноста и квалитетот на маските на годинашново издание, на кое учествуваа околу 1.100 маскирани лица од земјава и странство.

Струмичкиот карневал догодина ќе слави 30 години од приемот во Европската асоцијација на карневалски градови, за што организаторите најавија голем Европски карневал со многу групи од странство.

 

Ване Трајков