Ковачевски од Парламентот: Чекорите што ги правиме се во функција на перспективите на граѓаните и државата
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија по предлогот за именување нови заменици на министри...

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на денешната седница во Собранието на Република Северна Македонија по предлогот за именување нови заменици на министри.
Премиерот Ковачевски рече дека сите чекори што ги прават тој и Владата се и ќе бидат во функција на напредокот на државата и на добрата иднина на граѓаните и апелираше на совесно носење зрели одлуки во Парламентот, во насока на европските перспективи.
Во своето обраќање премиерот Димитар Ковачевски во Собранието на Република Северна Македонија, рече „Со предлогот што го доставив до Собранието на Република Северна Македонија, за именувања заменици на министри во Владата, ќе се заокружи реконструкцијата на Владата, којашто ќе продолжи уште поефикасно да ги спроведува реформите во интерес на граѓаните, по трасираниот, европски пат.
Благодарам на прогресивното парламентарно мнозинство за поддршката, со што се потврди дека во овој состав на Собранието на Република Северна Македонија – има доминантно мнозински прогресивен капацитет, со потенцијал ваквото мнозинство да расте.Ако се даде шанса на совеста, верувам дека овој парламентарен состав има уште поголем прогресивен капацитет, со што заедно можеме да ги осигураме европските перспективи, што значи економскиот развој на државата и животниот стандард на граѓаните.
Парламентарните дебати се одраз на демократските капацитети на една држава, но се корисни посебно кога родната земја ги има шансите за напредок. Пред нас се шанси за напредок, што значи пресвртница за натамошниот развој на државата и за квалитетот на живот на граѓаните – дома“.
Инаку, на денешната собраниска седница, по предлог на претседателот на Владата, Ковачевски, со мнозинство гласови, Собранието на Република Северна Македонија ги разреши: Башким Хасани, од функцијата заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана, Абдулшуќур Абедини, од функцијата заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Лулзим Алиу од функцијата заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука, откако претходно беа констатирани оставките на замениците министри: за правда, Агим Нухиу и за здравство, Владимир Рендевски, стои во соопштението од Влада.
