Расте бројот на жртви во Грција, прогласена тридневна жалост
Во Грција е тридневна жалост. Спасувачки екипи ги пребаруваат остатоците од двата воза по стравотната железничка несреќа во Лариса. Истрагата продолжува. Здруженијата на работниците во железницата свикаа штрајк...

Со кранови и тешка машинерија, спасувачите ги пребаруваат остатоците од двата воза по стравотната железничка несреќа во Лариса, Грција. Се извлекуваат безживотните тела на патниците. Спасувачката мисија е отежната поради тешкиот метал и временските услови.
„Временските услови не се на нашата страна во моментов. Но, за жал, олку е времето, а ние имаме работа и ќе дадеме се од себе под какви било услови“, изјави Константинос Иманимидис, од тимот за пребарување и спасување на Црвен крст од Грција.
„Ова е масовен, досега невиден инцидент за Грција, со многу жртви. Од самиот почеток се користени кранови и специјални машини на итната спасувачка служба, за да можат да сечат и транспортираат парчиња, и да може да се изврши увид во урнатините“, изјави Димитриос Накос, претседател на Грчката федерација на волонтерски организации за цивилна заштита.
Трагичниот биланс на загинати од час на час се зголемува. 20-годишен студент од Волос кој патувал за Солун, од ударот бил исфрлен в поле, а спасувачите го пронашле во бессознание. Момчето е префрлено во болница. Според грчките власти, причината за насреќата е човечка грешка и следува целосна, независна истрага.
„Потсетуваме дека 59-годишен грчки државјанин е уапсен од полицијата во Лариса, додека прелиминарната истрага продолжува. Вкупно 70 полицајци се распоредени на местото на несреќата и во Општата болница во Лариса“, рече портпарол на противпожарната бригада.
Здруженијата на работниците во железницата свикаа штрајк, запирање на националните железнички услуги и метрото во Атина, во знак на протест против условите за работа и недостиг од модернизација на железничкиот систем. Во Грција е тридневна жалост. Министерот за транспорт се повлекува од функцијата, премиерот вети дека ќе има правда.
„Правдата ќе се го најде патот. Одговорните ќе одговараат. Државата ќе застане на страната на семејствата на загинатите“, изјави Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.
Возот од Атина до Солун превезувал 350 патници, од кои повеќето студенти кои се враќале од карневалски викенд. Синоќа граѓаните на Атина, главно млади луѓе излегоа на улиците гневни поради железничката несреќа. Протестот набрзо прерасна во судир со полицијата. Демонстрантите употребија молотови коктели, чуварите на редот интервенираа со солзавец.
Маријана Димовска
